Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира и осудува шпекулациите изнесени најпрво на неколку портали, а во текот на денешниот ден и на прес-конференција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во која се зборува за наводен скандал со наратив полн со шпекулации, без никакви факти и аргументи, што го покажува и нивниот мотив организирано да нанесат штета на институцијата, истовремено нанесувајќи штета на Специјалната антитерористичка единица и на лицето кое е на чело на оваа единица.
Напротив, само неколку часа по збиднувањето, во Извадокот од дневните настани на МВР од 17.08.2021, во кој се изнесени фактите дека на 17.08.2021 околу 01.45 часот во Сончев град, на патот кон ул.„Мариовска“ за место викано „Теферич“, при даден знак за запирање од полициски службеници на патничко возило „шкода октавија“, без регистарски ознаки, во кое биле две лица, возилото не застанало, туку продолжило со движење. При обид да ги запрат, службеното возило на МВР излегло надвор од коловозот. Притоа, еден полициски службеник се здобил со тешки телесни повреди, а двајца полициски службеници со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Се работи на расчистување на случајот, се вели во реакцијата од МВР.
Ова се фактите, велат од МВР, иницијалите на двете лица во возилото не се ставени во информацијата, затоа што по нив сѐ уште трага полицијата; лицата не се сопрени и легитимирани, тие се засега со непознат идентитет, затоа и не постојат иницијали во информацијата; на возило без регистарски ознаки не може да се утврди сопственикот; двете возила немаат физички допир за време на незгодата; во моментов се повикуваат на разговор лица кои би можеле да дадат дополнителни информации, значајни за расчистување на случајот.
Сѐ друго се инсинуации и тенденциозно пласирање на лажни вести, кои имаат крајна цел само да наштетат, не само на институцијата, туку и на конкретната истрага. Доколку поседуваат докази со кои можат да придонесат за расчистување на случајот, ги повикуваме да ги достават во Секторот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди или Единицата за увид на сообраќајни незгоди при СВР Скопје. Професионална обврска на сите општествени чинители, вклучително и опозицијата е да се држат до фактите, а граѓанска обврска е да достават информации, факти и докази до надлежните служби за постапка која е во тек. Министерството за внатрешни работи, согласно законот, бара веднаш да биде објавен овој демант, а невистинититите текстови да бидат повлечени, во спротивно ќе ги користи сите законски расположиви средства кои стојат на располагање, велат од МВР.
Претходно денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски побара одговор од МВР и министерот Оливер Спасовски на прашањето дали командантот на полициските „Tигри“, Митко Даневски е лицето коешто пред три дена управувалo со возило во шума на скопско Водно на полноќ, среде забрана, не почитувал полициска контрола, предизвикал потера којашто завршила со тројца повредени полицајци од кои еден заврши на пет часовна операција?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.