Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривични пријави против П.Н.(64) од Прилеп, со живеалиште во Скопје и Б.П.(45) од Велес, двајцата вработени како државни правобранители на подрачјето на Велес, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Првопријавениот П.Н. постапил спротивно на одредбите од Законот за државното правобранителство и не обезбедил согласност – известување од Владата за натамошно застапување, која бил должен да ја обезбеди во случаите кога од една страна ги штити имотните права и интереси на државата , а од друга страна, како законски застапник, ги штити имотните права и интереси на државните органи. Станува збор за предмет во кој како тужители се јавуваат правниот субјект „Павор’’ извоз-увоз Орце ДООЕЛ Скопје и лицето О.П. од Велес, а како тужена странка во постапката се државата , Министерство за финансии, Управа за јавни приходи-Регионална дирекција Прилеп и Трговското друштво за вработување инвалидни лица за производство на апарати за домаќинство „ДИНАМО-ХИТ ДОО“ Велес, соопшти денеска МВР.

Оттаму појаснуваат дека пред Основен суд Велес, од страна на тужителите бил оспорен Записник од втора продажба на имот со јавно наддавање од 5 декември 2005, изготвен од страна на првотужениот – Управа за јавни приходи, според кој „Динамо – Хит“ ДОО Велес купил земјиште со површина од 26.077 м2 на подрачјето на Велес, во рамките на извршната постапка за присилна наплата на долг кој произлегува од даночните обврски на должникот „Лозар – Агросервис“ АД Велес, бидејќи должникот бил корисник на предметното земјиштето кое било во сопственост на државата и тоа не може да биде предмет на присилна наплата, затоа што согласно законските прописи извршување се спроведува само од имот кој е во сопственост на должникот.

Тужителите, исто така, го оспориле и неоснованото запишување на горенаведениот имот на име на „Динамо – Хит“ ДОО Велес од страна на Агенцијата за катастар на недвижности, при што од страна на Основниот суд Велес по изведените докази и утрдувањето на фактичката состојба во постапката била донесена првостепена пресуда од 5 март 2018 година со која било констатирано дека предметното земјиште е во сопственост на државата, а не во сопственост на даночниот должник „Лозар – Агросервис“ АД Велес.

Од МВР информираат дека првопријавениот П.Н., наместо да ја прифати пресудата од 5 март 2018 година на Основниот суд Велес, со која било утврдено дека земјиштето било и останало во сопственост на државата , на 22 март истата година вложил жалба на оваа пресуда, а подоцна на 15 мај 2019 година и вонреден правен лек – ревизија, додека второпријавениот Б.П. на 22 март 2018 година ја потпишал жалбата на пресудата од 5 март 2018 година на Основниот суд Велес, без да ги ценат правните интереси на државата .



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.