Кривичниот суд одлучува за екстрадицијата во Србија на поранешниот член на ОВК, Томор Морина, кој од Белград е обвинет за воени злосторства над цивилно население. Тој беше уапсен на граничниот премин Блаце пред десетина дена и оттогаш се наоѓа во екстрадиционен притвор, а Косово и Србија се закануваат со нарушување на односите со Македонија во зависност од тоа дали Морина ќе биде екстрадиран или ќе биде пуштен на слобода. Министерството за правда му ги предава на судот документите испратени од Србија, а според најавите денеска или утре Кривичен ќе треба да одлучи дали поранешниот припадник на Ослободителната војска во Косово ќе и биде испорачан на Србија, која го бараше преку Интерпол.
Од судот велат дека ќе треба време да се разгледаат документите, а потоа да кажат дали ќе дадат мислење или пак ќе има потреба од дополнителна документација. Конечниот збор сепак го има Министерството за правда кое врз основа на мислењето добиено од Судот ќе донесе одлука за екстрадиција или ослободување.
Косово жестоко се противи на можната екстрадиција, со образложение дека Морина е косовски државјанин и се закани дека ако Македонија го испорача на Србија, ќе има последици. Србија пак, најавува одговор доколку Македонија го прекрши меѓународното право и не и го испорача осомничениот воен злосторник.
Во целата приказни се вмешани високи функционери во Владата од албанскиот блок, а пред се вицепремиерот Бујар Османи, кој во неколку наврати порача дека нема шанса Морина да биде екстрадиран бидејќи тој е државјанин на Косово, а не на Србија. Иако судот не му го одобри барањето за посета на Морина во притворот, Османи рече дека нашол начин да му испрати порака на осомничениот дека гарантира оти нема да и биде предаден на Србија.
Српските медиуми од своја страна му посветуваат големо внимание на случајот со Морина, при што коментираат дека македонскиот вицепремиер Османи не се однесува како политички функционер туку како адвокат на осомничениот, кој презема секакви мерки и врши притисок врз судовите за да се ослободи поранешниот член на ОВК. Дел до македонските медиуми пак најавуваа дека Морина ќе биде пуштен да се брани од слобода, повикувајќи се на неговиот адвокат, но тоа сепак не се случи и Морина и натаму е во притворот во Шутка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.