Во рамките на истражната постапка што се спроведува во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, против екс секретарот на Владата, Драги Рашковки и уште тројца за злоупотреба на службената положба и овластување при спроведување на постапки за јавна набавка, предметниот јавен обвинител, со цел да не дојде до осуетување на намирувањето на оштетното побарување во текот на кривичната постапка, побара од Основниот кривичен суд – Скопје да определи привремени мерки за обезбедување на имотно-правно барање.

Во предметот како оштетена се јавува државата со оштетно побарување во вкупен износ од 17.642.237,00 денари.

Уважувајќи го барањето, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје донесе Решение за привремена мерка со кое спрема едно од осомничените лица е определена привремена мерка – забрана за располагање со средства од сметка на која осомничениот како физичко лице има овластување да располага. Со истото Решение спрема две малолетни лица, на кои првоосомничениот во предметот е законски застапник, е определена привремена мерка – Забрана за оттуѓување или оптоварување на своите недвижности или стварни права кои врз недвижноста се запишани во корист на законскиот застапник, со прибелешка на таа забрана во јавна книга или да ги даде под закуп. Воедно, спрема едно правно лице во сопственост на трет осомничен судијата на претходна постапка определи привремена мерка – Забрана за отуѓување или оптоварување на движни ствари, велат од ОЈО.

Привремените мерки за обезбедување на имотно-правното барање ќе да траат најдолго до правосилно завршување на кривичната постапка или до поинаква одлука на судот.

Во исто време претходно изречените мерки за обезбедување на осомничените се продолжени за нови 30 дена.​ Тоа значи дека Рашковски останува во домашен притвор, откако пред еден месец Апелацискиот суд одлучи да му се замени ефективниот со куќен притвор.

За да се брани од слобода и доказ дека нема да избега, Рашковски нудеше и гаранција од 500 000 евра, но судиите не ја разгледувале затоа што процениле дека покрај опасноста од бегство, сè уште постои и опасноста тој да влијае на сведоците и на истрагата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.