Крадец се маскирал со бел чаршав преку телото, по што влегол во локал во тетовското село Јанчиште, мислејќи дека така нема да го препознаат. Сепак, безбедносните камери го уловиле, па станал лесна мета на полицијата.

„Во саботата на 9 јануари во 8 часот Д. С. од Јанчиште пријавил дека во објект – кафе-бар, каде имало поставени и апарати за игри на среќа, во периодот од 1:30 до 7:20 часот непознато лице извршило кражба во објектот. Лицето ја отворило влезната врата, а потоа отворило еден од автоматите за игри на среќа. Од автоматот одзел 67.140 денари, дел во евра, а дел во денари. Околу 13 часот, поради сомнение дека извршил кражба, приведен е Г. Б. (45) од истото село“, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

На снимката направена од безбедносната камера во кафе-барот се гледа како едно лице, целото прекриено со бел чаршав, влегува во објектот, мислејќи дека така маскиран не ќе може да го препознаат. Но, тоа не било доволно па полицијата брзо му влегла во трага на крадецот, кој бил од истото село и го привела.

Полицијата не соопштува како успеала да го открие крадецот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.