Обвинителката Вилма Рускоска побара јавноста да биде исклучена од денешното рочиште за „Рекет“, каде ќе бидат пуштени преостанатите три фолдери од УСБ-то на Зоран Милевски-Кичеец. Претходно, обвинителството побара тие да не бидат изведени зошто не се релевантни за кривично правниот настан, а иако вчера Русковска побара тие да бидат изведени, за со цел, како што рече, да не се остава впечаток дека обвинителството прикрива некои докази, денеска таа побара јавноста да биде исклучена.

Сметам дека во снимките се појавуваат лица имиња чии углед може да биде нарушен. Затоа сметам дека јавноста треба да биде исклучена, рече обвинителката.

На ова се спротивстави одбраната на обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева, кои бараа снимките јавно да бидат презентирани.

Јас и моето семејство се изнаслушавме толку многу шпекулации и бевме изложени на тежок срам, затоа сметам дека треба дасе слушне што има на тие фамозни снимки, рече Јовановски.

По ова судечкиот совет донесе одлука јавноста сепак да биде исклучена со образложение дека во снимките може да се слушнат имиња чиј углед може да биде нарушен и доведен во прашање, а тие не се опфатени со некаква кривична постапка или се дел од оваа кривична постапка.

На ова реагираше адвокатот на Јанева Дељо Кадиев, кој посочи дека според законските одредби јавноста може да биде исклучена ако е доведен во прашање личниот живот и безбедноста на обвинетиот, а не на други лица.

Кон ова се приклучи и одбраната на Јовановски, но судијката остана на својот став.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.