Ќе понесе ли некој одговорност за „исчезнувањето“ на Сашо Мијалков? Дали тоа ќе бидат Зоран Заев и Оливер Спасовски или тие повторно ќе се прават на триипол  и одговорноста за снемувањето на Мијалков нема да ја пронајдат кај себе, останува да се види.

Во МВР владее молк, откако и по повеќе од половина ден екс шефот на тајната полиција е недостапен за органите на прогонот. Оттаму се уште нема официјален одговор дали е пронајден Сашо Мијалков, откако вчера по него беше распишана и централна потерница.

Инаку, полицијата е на нозе од синоќа, па информациите говорат дека полициски возила се присутни пред зградата каде што живееше поранешниот прв човек на УБК, Мијалков, во скопската населба Капиштец, но и на Водно, кај хотелот Панорама, кој е во близина на новиот дом на Мијалков.

Оваа потера по Мијалков следува откако нему требаше да му биде доставено решение за куќен притвор, кое што на барање на Обвинителството, било издадено од Кривичниот суд.

Засега се е на ниво на шпекулации кои одат во насока дека поранешниот шеф на тајната полиција е во бегство, но таа теорија засега е без потврда или демант од надлежните институции.

Вчера попладнето Мијалков бил виден во локалот „Дистрикт“, кој е во рамки на хотелот Мериот, каде што седел со Ивица Коневски.

Последната информација говори дека судот на Мијалков му одредил мерка куќен притвор, по што тој е недостапен, а тие преземаат мерки и активности за негово пронаоѓање.

Инаку, пресудата за случајот Таргет Тврдина е закажана за 26 февруари, односно во петок оваа недела.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.