Изнајмувањето објекти или соби за сместување во време додека се на сила рестриктивните мерки за спречување на ширењето на епидемијата на коронавирусот COVID-19 претставува кривично дело за што е предвидена и висока парична казна.

За приватните лица таа започнува од две илјади евра, па и повеќе во зависност од имотната состојба и примањата на прекршителот, додека за правните лица предвидена е соодветна постапка. Висината на казната ќе ја одредува Судот на предлог на јавен обвинител.

Продолжувањето со рестриктивните мерки за спречување на ширењето на епидемијата на коронавирусот подразбира целосна забрана за работа на сместувачките капацитети, како за поголемите објекти така и за приватните станоиздавачи.

Од Пазарниот инспекторат во Охрид, како најпосетена туристичка дестинација во земјата, најавуваат дека во текот на престојниот продолжен викенд ќе продолжат со контроли на сместувачките капацитети, со цел почитување на мерките за спречување на ширење на заразата.

Граѓаните на Охрид преку социјалните мрежи изразија загриженост од напливот на гости деновиве од кризните жаришта каде викендов е на сила целосна забрана за движење.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.