Јавното обвинителство Кавадарци побара на лекар од Општата болница во Кавадарци судот да му изрече парична казна од 4.500 евра зашто место во изолација заради заштита од коронавирус, тој продолжил да си оди на работа и да лекува пациенти. Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци против овој лекар поднесе Предлог за издавање казнен налог за едно лице, за продолжено кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
И покрај упатствата дадени директно од специјалист-епидемиолог да останат целото семејство во домашна изолација од 14 дена поради патувањето на нивната ќерка која на 6 март се вратила од Италија, лекарот во периодот од 10 март до 20 март продолжил да оди на работа во болницата каде е вработен како доктор. На 10 март, заедно со неговата ќерка правеле анализи на Одделот за микробиологија и биле во амбулантата за уво, нос и грло во Кавадарци.
ОЈО Кавадарци му предложи на Основниот суд во Кавадарци на обвинетиот да му изрече парична казна во износ од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде одредена во износ од по 45 евра во денарска противвредност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.