Основното јавно обвинителство од Кавадарци по допрен глас има отворено предмет и постапува во врска со настанот со прободено момче со нож во Кавадарци. Ова денеска за МИА го потврди Елизабета Недановска, портпарол во Републичкото јавно обвинителство.
Таа појасни дека се прибираат материјални и вербални докази од страна на МВР, по насоки на Јавното обвинителство, по што се очекува комплетираната кривична пријава да биде доставена до Одновното јавно обвинителство.
Како што информираше МИА во неделата, момче од Кавадарци со две убодни рани од нож беше пренесено на клиника во Скопје.
Доктор Ратко Грков од Итната медицинска помош тогаш потврди дека по повикот упатен до нив, на улица во градот затекнале момче со две убодни рани во седечка положба и во свесна состојба. По укажаната прва помош, момчето било пренесено во кавадаречката болница.
Доктор Благој Митев, хирург на хируршкото одделение при кавадаречката болница, за МИА тогаш појасни дека било донесено момче родено 1994 година.
Момчето имаше две убодни рани од нож во пределот на лев рамен појас и во пределот на градниот кош, позади, под коската која народски се вика лопатка. Убодните рани беа со ширина од 2.5-3 сантиметри и длабочина од 4-5 сантиметри. Му дадовме прва помош и заради подетално согледување на состојбата го препративме на клиниката за торакална хирургија во Скопје, рече Митев.
Момчето е надвор од животна опасност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.