Српскиот државјанин Д.М. (52), раселено лице од Приштина, кој по налог на УНМИК бил уапсен во Македонија на 7 јули годинава за наводно воено злосторство извршено на Косово, беше ослободен денеска откако пристигнаа докази дека станува збор за грешка.

Како што изјави неговиот адвокат, Илија Поп Костов за „Косовоонлајн“, неговиот клиент бил уапсен поради замена на идентитет, односно имал исто име и презиме со лицето барано за воени злосторства.

Тој беше незаконски приведен и од денеска е на слобода по одлука на судијата за претходната постапка, а по барање на јавниот обвинител. Утврдено е дека погрешно лице е уапсено, а притворот веднаш е укинат и тој е ослободен, рече Поп Костов.

Д.М. бил уапсен откако ја поминал границата, кога заедно со сопругата заминале на одмор во Охрид. Потоа му била одредена мерка притвор во траење од 30 дена, а по наредба на дежурен судија, тој бил однесен во затворот во Куманово.

Д.М. ги негирал сите обвинувања од обвинението во кое вистинскиот Д.М. е обвинет за убиство и нанесување тешка телесна повреда.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.