Непознат сторител вчера попладне го каменувал амбулантното возило на Здравствениот дом „Др. Светозар Чочороски“ од Вевчани. Директорот на установата Јован Стојковски оцени дека материјалната штета е мала, но оти чинот е срамен.
Материјалната штета е мала, но чинот е срамен. Во ек на пандемија кога секојдневно се справуваме со предизвиците и им се помага на пациентите, возилото на Здравствениот дом е каменувано. Претпоствувам дека е некој помлад во пијана состојба, случајот е пријавен во полиција и се надевам ќе го откријат сторителот, изјави Стојковски.
Случајот го потврдија и од СВР Охрид, од каде посочуваат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.
Во полициското одделение Велешта вчера 16:30 часот, пријавено е оштетување на моторно возило на Итната медицинска помош, марка „Лада“, сопственост на Здравствениот дом од Вевчани. Според пријавата, засега непознат сторител скршил три бочни и предно ветробранско стакло од медицинското возило, кое било на паркинг простор пред Здравствениот дом, соопшти СВР Охрид.
Додека некој демолира, според Стојковски, општествено одговорни граѓани, компании и хуманитарни организации постојано донираат материјални и финансиски средства за установата.
Хуманитарното здружение „Дијаспора“ од Лабуништа во април донираше болничко возило и кислородни боци. Компании и граѓани донираат заштитна опрема, потрошен материјали, пари. Со оглед на тоа дека ние сме установа за примарна здравствена заштита немаме многу средтсва на располагање, ограничени сме со капацитети и медицински потрошен материјал и донациите ни се многу значајни, истакна директорот.
Во Здравствениот дом во Вевчани во дневната амбуланта, според его, во моментот се лекуваат 40 пациенти позитивни или суспектни на Ковид 19, додека во амбулантата во Лабуништа, која е под нивна надлежност има 30 пациенти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.