Крвава тепачка во центарот на градот ги потресе струмичани. Од СВР Струмица велат дека граѓанин го пријавил инцидентот во 12 часот и се работи на случајот.

-Секторот за внатрешни работи Струмица во кординација со Основното јавно обвинителство Струмица презема мерки за целосно расчистување и документирање на настанот, одговорија од струмичката полиција. 

Нема официјални информации ниту за бруталните напаѓачи ниту за здравствената состојба на претепаниот.

Според информации на Телма, на бруталниот физички напад му претходел инцидент во казино. Откако изгубил пари на автомат, нападнатиот оштетил опрема во автомат-клубот.

Група од неколку луѓе во центарот на Струмица брутално претепуваат човек среде бел ден на улица во Струмица, пред очите на случајни минувачи, меѓу кои и деца, се гледа на снимката која е објавена на ФБ страница Струмица онлајн.

Група насилници облечени во црно бркаат маж и кога го стигнуваат, почнуваат дивјачки да го клоцаат и да го удираат по телото и по главата. Меѓу напаѓачите има и „вооружени“ со палки и стапови.

Насилниците во црно почнуваат да бркаат друг маж и по дваесетина чекори го стигаат и го напаѓаат, а тој дел од нападот не е снимен бидејќи се случува зад автомобил.

Двајца од групата остануваат со првата жртва и го напаѓаат и продолжуваат со бруталниот напад. Највонезмирувачкиот дел од снимката е кога еден напаѓач доаѓа до легнатата жртва, му ја крева главата и директно го удира во главата додека беспомошниот маж бара помош и лелека.

На снимката е забележливо дека десетина граѓани меѓу кои и мали деца се во близина на местото на инцидентот и го набљудуваат бруталниот напад.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.