Двајцата ранети при пукањето на свадбата во тетовска Мала Речица имале повреди во градите и поради сериозноста се однесени на скопската Клиника за торакална хирургија, информираат денеска од тетовската клиничка болница.
Двајцата повредени по оперативните зафати се во стабилна состојба.
Дежурна екипа вчера ги примила двајцата повредени со по една рана во пределот на градите. Едниот повреден веднаш по првата помош е однесен во Клиника за торакална хирургија во Скопје. По направени иследувања и опсервации и поставена индикација и за вториот е донесена одлука да се однесе на истата клиника, изјави раководителот на Одделението за хирургија при Клиничката болница во Тетово, Илбер Бесими.
СВР Тетово објави дека повредените се 27-годишник со иницијали А.Б. од Мала Речица и 26-годишниот Ф.А. од Голема Речица.
Инцидентот се случил вчера околу 22 часот на свадбена свеченост организирана во дворот од куќата на 47-годишниот Б.Д., на улица „172“ во тетовска Мала Речица, изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Јавен обвинител и екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово извршиле увид и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.