Повеќе од 300 хектари високо стеблеста шума зафати пожарот во Преспанскиот регион во близина на туристичките населби Отешево и Сирхан,  вечерва е проширен и зафати дел од Националниот парк Галичица. Пожарникарите и вработени од Националниот парк се обидуваат да го спречат ширењето на пожарот и да ја заштитат викенд населбата кај Сирхан, пренесува СДК.

Цела Преспа е во пламен. Гореше кај Отешево, Сирхан, прво трската околу езерото, а потоа ветерот го префрли огнот преку асфалтираниот пат и ја зафати шумата. Се движи кон Националниот парк Галичица. Немаме струја, се запали и далековод, раскажува сопственик на вила во Сирхан.

Во тек е итен состанок на кризниот штаб на Општина Ресен, а мештаните од околните села велат дека без струја бидејќи запален бил и далеководот.

Пожарникарите велат дека не се работи за еден оган, туку дека гори на повеќе места. Се очекува Кризниот штаб да донесе одлука за активирање на канадерите, но и тоа е под знак прашалник бидејќи во ноќни услови тешко кога може да гасат авионите.

(фото: Фејсбук)

Не се работи за еден пожар. Туку за неколку. Гореше кај Долно Дупени и Маркова Нога, каде пожарникари од Ресен и Битола го ставија пожарот под контрола. Потоа имаше пожар на трската околу езерото, каде изгоре поголема површина трска, а и овоштарници. Потоа ветерот го префрли пожарот кон шумата и зафатен е дел од Националниот парк Галичица, досега зафатени се околу 300 хектари шума, рече градоначалникот.

Тој објасни дека во Националниот парк Галичица гаснат екипи на Противпожарните единици од Ресен и Охрид, како и вработени во паркот. Денес сите пет противпожарни возила на ресенската пожарна биле на терен, сите пожарникари и други лица вработени во општинските служби. Пожарникарите и вработените од паркот остануваат да дежураат цела вечер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.