Македонската полиција од утрово спроведува голема акција во скопскиот регион која ги опфаќа селата Грчец и Арачиново.

Како што потврдија од МВР, во акцијата има повеќе приведени, но детали не се соопштуваат. Не се соопштува ниту причината за полициската акција. Од МВР најавуваат наскоро детали, бидејќи како што велат акцијата е во завршна фаза.

Грчец и Арачиново се поврзуваат со вооружената пресметка што се случи во хотелот „Алексаднар Палас“ минатата недела.

Четири лица што учествуваа во вооружената престрелка заработија кривични пријави. Основното јавно обвинителство соопшти дека ќе ги гони за загрозување на сигурноста на полициски службеници. Тројца од пријавените се лишени од слобода, додека по четвртиот напаѓач се трага.

Постапката е отворена откако СВР-Скопје поднесе пријава за кривично дело – загрозување на сигурноста од чл. 144 ст. 3 од Кривичниот законик.

ОЈО информира дека четворицата пријавени ја загрозиле сигурноста на 11 полициски службеници кои биле на должност и вршеле легитимирање, упатувајќи сериозна закана по нивните животи.

За настан што се случил во хотелот неколку часа по пријавеното кривично дело, Министерството за внатрешни работи сè уште не го утврди идентитетот на сторителите кои со огнено оружје пукале кон сега пријавените лица, се вели во соопштението.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.