Министерот Венко Филипче денеска ги посети повредените од автобуската несреќа и изјави дека во текот на денот треба да се изврши хируршка интервенција на млада девојка која е хоспитализирана на КАРИЛ со тешка повреда на ногата, а постои можноста ногата да и биде ампутирана.

Се одлучува како ќе се продолжи третманот, ногата е згмечена и постои можност да и биде ампутирана. Конзилијум од доктри одлучува што ќе се прави, рече Филипче

Четворица од пациентите хоспитализирани на скопските клиники се во тешка состојба, а двајца се вклучени на респираторни машини. Имаат повреди на главата, но во моментов, не е потребна хируршка интервенција. Другите повреди се на градниот кош и на стомакот. Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се наоѓаат осум пациенти, од кои четворица се на Клиниката за анестезија, еден на Трауматологија, еден на Неврохирургија, трудницата на Клиниката за гинекологија е во добра состојба, а еден е хоспитализиран на Торакална хирургија.

Во Градската општа болница „8 Септември“ се наоѓаат 28 пациенти, а шест пациенти ќе бидат пуштени на домашно лекување.

Синоќа биле оперирани 14-годишно момче и 40-годишен маж. Како што информираше директорот, Христијан Костов, интервенцијата им била извршена откако било констатирано дека нивната состојба е влошена поради губење крв.

Кај оперираното момче беше утврдена повреда на црниот дроб, сега тоа е санирано, додека кај 40-годишниот пациент повреда на тенкото црево, по што е направена ресекција. Тие сега дишат сами и нивната состојба е сосема добра. Двајца од пациентите се на респиратор уште првиот момент на пристигнување, имаат доминантна повреда на мозокот и коските на лицето. Кај едниот има и контузија на белите дробови. И двајцата се политрауматизирани, едниот е во доста лоша состојба, но времето ќе покаже. За сега интервенција не е потребна, рече Костов и додаде дека во моментов нема потреба од нови залихи на крв.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.