Во текот на минатите две недели, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани  девизи, цигари, употребуван алат, индустриска машина, хартија за пакување, автоделови, играчки, облека, обувки, бижутерија, семиња за земјоделски култури, медицински материјали, возило со бункер и фалсификувана патна исправа.

Девизи

– 20.000 евра, откриени од страна на мобилните царински тимови, при личен претрес на двајца српски државјани, кои со српски автомобил се пријавиле за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Во рачна ташничка на сопатникот во возилото биле пронајдени 30.000 евра, за кои не поседувал документ за потекло или потврда за пријавени готови парични средства при влез во државата, издадена од македонските царински органи. Согласно законските прописи на возачот му биле вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот девизен прекршок ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 8.550 евра, откриени при контрола на украински автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Богородица се пријавиле тројца украински државјани. Во две рачни чанти, сместени на подот на возилото, биле пронајдени 38.550 евра, од кои на тројцата патници им биле вратени по 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата. За сторениот девизен прекршок, против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Цигари

(фото: Царинска управа)

– 137 штеки цигари марка Camel Blue со македонски акцизни маркички, откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при контрола на рачниот багаж на државјанин на Латвија, кој имал намера да отпатува со лет за Лондон. Непријавените цигари се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 76 штеки цигари марка PALL MALL и Chesterfield со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на албански камион управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените цигари пронајдени во фабричка преграда под подот на приколката, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Алат, автоделови и индустриска машина

– 114 парчиња употребуван алат (компресори, циркулари, апарат за заварување, хилти, дигалки за возила, бормашини, брусалки, убодни пили, бонсеци и друго), откриени од страна припадници на Министерството за внатрешни работи, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена во Скопје. Производите, за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки биле предадени на мобилните царински тимови. Истите се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 1 машина за нанесување парафински лепак, 7.560 железни конусни игли и 27 парчиња мрсна парафинска хартија, откриени при контрола на разна стока со потекло од Италија, наменета за увозник од Виница, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Делчево. Производите кои не биле опфатени со царинските документи, се привремено задржани а против увозникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 134 употребувани и нови автоделови за патнички возила марка VW Golf (ламели, летви, клапни за карбуратори, пумпи за гориво, шепи за кочници, инструмент табли и турбини), откриени при контрола на германски автомобил со кој за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените автоделови, пронајдени позади предните седишта и во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

 

Играчки, облека, бижутерија, делови за мобилни телефони, велосипеди и друго

 813 парчиња облека, 22 пара обувки, 415 детски играчки, 150 пара очила за сонце,  80 батерии и 6 велосипеди, откриени во 5 одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.

Во првиот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце, во најлонски кеси сместени позади предните седишта, на задните седишта и во багажниот простор, биле пронајдени 415 детски играчки, 96 комплети спортски дресови (горен и долен дел), 150 пара очила за сонце и 80 батерии од 1,5 волти.

Во вториот случај, при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, биле пронајдени 12 тркала и 6 рамки за велосипеди, кои биле прицврстени со ремени за товар за шасијата под приколката.

Во третиот случај, во багажникот на патничко возило без таблички, натоварено на возило за влечна служба, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Ќафасан, биле пронајдени 416 парчиња облека и 22 пара обувки.

Во четвртиот случај, при контрола на македонски автобус што сообраќал на релација Нови Пазар – Скопје, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце, во две вреќи сместени во тоалетот на автобусот, биле пронајдени 96 комплети спортска облека.

Во петтиот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, во две торби сместени во багажникот на возилото, биле пронајдени 205 парчиња работна облека (маици, дуксери и панталони).

Во сите пет случаи, непријавените производи се привремено задржани, а против возачите ќе бидат поденесени барања за поведување прекршочни постапки.

– 460 парчиња бижутерија (прстени, обетки, алки, синџирчиња и шноли), 229 делови за мобилни телефони (заштитни стакла, футроли, слушалки и полначи), 195 пара очила за сонце и 36 приврзоци за клучеви, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 35 парчиња женска облека (фармерки, џемпери, блузони и фустани), откриени при контрола на македонски автомобил со кој за влез во државата на граничниот премин Јажинце, се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени во најлонски кеси сместени под совозачкото седиште и позади предните седишта, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

 

Семиња за земјоделски култури

203.000 парчиња семиња за земјоделски култури (домати, зелка, карфиол, брокула, морков и диња) со вкупна проценета вредност од околу 324 илјади денари, откриени при контрола на косовски автомобил, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица.  Семињата, пронајдени во два куфери со лична гардероба сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

 

Медицински материјали

– 200 парчиња катетери марка Coloplast, откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при рентгенска контрола на багажот на хрватски државјанин, кој допатувал со лет од Загреб. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

 

Возило со бункер и фалсификувана патна исправа

Мобилните царински тимови, во два одвоени случаи, при контрола на две комбиња пријавени за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат, откриле  специјално конструиран бункер и една бугарска патна исправа за која постои сомневање дека е фалсификувана.

Во првиот случај, при контрола на товарно комбе со фински регистарски таблички, управувано од државјанин на Ирак, позади кабината во товарниот дел бил откриен влез во специјално конструиран бункер поврзан со кровниот дел на комбето.  Комбето е привремено задржано а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна пријава.

Во вториот случај, при личен претрес на македонски државјанин, патник во  македонско патничко комбе, во неговата рачна торбичка била пронајдена бугарска патна исправа на сосема друго име, издадена од МВР Софија, од која биле искинати неколку страници. Поради сомневање дека се работи за фалсификувана патна исправа, случајот е предаден на Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.