90 грама кокаин кои пред 17 дена се фатени во пакетите од посета во затворот Идризово биле наменети за припадниците на кумановската група кои се осудени на доживотни или 40-годишни затворски казни за терористичкиот напад во мај 2015-та во кумановско Диво насеље – објави Телма.

Обвинителството тогаш објави само дека косовски државјанин е во 30-дневен притвор бидејќи се обидел да ја прошверцува дрогата во затвор. Според информациите на Телма, приведениот е татко на Лирим Красниќи, припадник на кумановската група осуден на 40 години затвор. Кога на крајот од јануари, таткото дошол во посета првично ја минал личната проверка од затворските чувари. Но кога на скенер ги проверувале пакетите за Красниќи, во една јакна го нашле скриениот кокаин. Дрогата била спакувана во топче залепена со селотејп и скриена во внатрешен џеб на јакната.

Уапсениот Красниќи тврдел дека јакната му била дадена од некој таксист за да му ја предаде на друг припадник на групата од Диво Насеље. Лирим Красниќи како затвореник во Шутка учествуваше во нападот врз притворениот Миле Јанакиески.

Од затворската управа за Телма потврдиле и дека претходно во два наврати нашле и алкохол спакуван во шишиња сок во пакети наменети за затвореници од терористичката група.

Во Идризово затворски казни отслужуваат 14 припадници на групата од Диво Насеље. Тие се одделени од останатите затвореници дури и кога се пуштени на прошетка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.