Сè било како и вообичаено во автобусот на „Дурмо турс“ сè до моментот кога од средната преминал на последната сообраќајна лента, без знаци на запирање ги скршил заштитните огради и излетал од автопатот. Вака го опишаа моментот на несреќата повеќето од повредените патници, кои сведочеа на денешното судење за автобуската несреќа кај Ласкарци, во која животот го загубија 16, а 37 лица беа потешко повредени.

Оштетениот патник Душан Стефановски рече дека на критичниот ден седел во задниот дел од автобусот.

Автобусот беше полн и кондуктерот не дозволи ниту еден патник да стои. Се чувствуваше тресење и звуци кога автобусот возеше побрзо. Се сеќавам дека возеше на средната лента до пред несреќата. Забележав занесување на десно, па на лево и слушнав звуци. Зазедов позиција на фетус и потоа само слушав звуци. Не чув никакви звуци од моторот или кочење, изјави сведокот.

Посочи дека има 12 години искуство во патување со „Дурмо турс“ и смета дека брзината на возење била поголема за условите на патот.

Случајот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

Петтиот повреден патник, што сведочеше на денешното рочиште Илија Ристовски, рече дека на критичниот ден не забележал ништо невообичаено кај возачот и автобусот.

Седнав на петтиот ред зад возачот до прозорецот. Автобусот возеше во средна лента и имав чувство како да сака да претекнува, но тој продолжи. Чув од напред десно женски глас како вика „што е работата мајсторе”, но не чув одговор, изјави сведокот.

Автобусот, според Ристовски, продолжил да се движи без никакво забавување и заштитните огради ги преминал речиси без удар.

Факт е дека сите се возевме со „Дурмо турс“ затоа што побрзо стигаше од другите, изјави Ристовски.

Друг патник, што можел да гледа напред од автобусот, рече дека автопатот бил празен и автобусот прво преминал на третата лента, па завртел десно и малку загубил контрола, по што повторно завртел лево и веќе удрил во заштитната ограда.

Дваесет и осумгодишна патничка од Гостивар што во последните пет години патувала на релација Скопје – Гостивар рече дека била сведок на голем број дефекти, а само два пати како автобусот бил запрен од полициска контрола.

Без разлика кој вози од Скопје автобусот тргнува во 16:25 и секогаш дома пристигнувам во 17:35, рече патничката.

Пред да удрат во првата заштитна ограда, патничката рече дека, чула од под автобусот од лева страна тропање како железо на железо.

По несреќата, рече патничката, некој од локалното население со автомобил, ги пренел во болница заедно со возачот и уште една патничка.

Возачот ништо не зборуваше. По некое време се жалеше на болки во градите и толку, изјави патничката.

Судењето продолжува на 6 ноември. Кога треба да биде сослушана уште една повредена патничка и уште пет други сведоци, меѓу кои очевидци на настанот. За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени обвинети се шест лица.

Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.