Елизабета Чингаровска од ВМРО-ДПМНЕ ја призна вината во случајот „Талир“ и се спогоди со специјалното јавно обвинителство. Судот денеска ја осуди на две годишна условна казна која нема да се изврши ако таа во наредните 5 години не стори ново кривично дело.

„Чингаровска беше последнообвинета за случајот и таа не знаела од каде потекнуваат парите кои влегувале во партијата. Од тие причини таа ја призна вината и се спогоди се специјалното јавно обвинителство“, потврди нејзиниот адвокат Дејан Павлоски.

Чингаровска беше обвинета во случајот „Талир“ за перење пари. Во истиот случај, за првпат и ВМРО-ДПМНЕ како правно лице е обвинето за незаконското финансирање на партијата.

Во овој случај првообвинет е Никола Груевски, потоа Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димоски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска која сега ја призна вината.

Според обвинението, Груевски во периодот од 2009 година до 2015 година обезбедувал пари од анонимни лица и од фирми за да ја финансира политичката партија. Во ова му помагале Божиновски и Јанакиески кои вршеле притисок на претставници од фирми кои добивале тендери од државата, да обезбедат пари во кеш за партијата, како противуслуга за добиените тендери.

Груевски не ги враќал овие пари во буџетот како што предвидува Законот за финансирање на политичките партии. На овој начин, партијата се стекнала со околу 4,6 милиони евра.

„Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Груевски, Божиновски, Јанакиески и Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај“, се вели во обвинението.

Откако вака „испраните“ пари легнувале на сметката на партијата, Илија Димовски, Чингароска, Ристоски и Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија, парите ги пуштале во оптек, односно ги подмирувале тековните трошоци на партијата и купувале имот.

За овој предмет притвор се бара за Никола Груевски, кој избега од државата и доби азил во Унгарија. Во понеделник ќе се знае дали и некој од останатите лица ќе се спогоди со СЈО и ќе ја признае вината за да добие пониска казна.

Во меѓувреме, предметот „Талир“ чека на оценка во Кривичниот суд, а потоа ќе биде закажана јавна расправа.

Освен за незаконското финансирање на партијата, предметот „Талир“ содржи и второ обвинение, за начинот на кој е купено земјиштето и градено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. И во овој случај, првообвинет е Груевски, и Кирил Божиновски. Судот на барање на СЈО го замрзна сиот имот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и Белата палата, додека трае постапката.

Ова е втор случај на спогодба со СЈО. Претходно, за случајот Таргет – Тврдина се спогоди Елена Џиланова, поранешна началничка на Единица за телекомуникации при Одделот за оперативно техничка поддршка на операции во УБК, која доби условна 6 месечна казна затвор, која нема да се изврши доколку осудената во наредните две години не стори ново кривично дело.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.