Од 15 март 2020 до денеска, во врска со непочитување на мерките, односно здравствените прописи за епидемијата Ковид-19, од сите Сектори за внатрешни работи поднесени се 24 кривични пријави, при што кривично се пријавени вкупно 29 лица. Од нив, 28 лица се пријавени по член 206 од Кривичниот законик, а едно лице е пријавено по член 205 од Кривичниот законик, соопшти денеска МВР.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против С.Д.(28) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, предвидено во член 206 став 1 од КЗ. Пријавениот вчера го напуштил домот во Кочани, каде што бил во самоизолација поради епидемија, иако претходниот ден при враќање од земја определена како средноризична за корона вирусот Kовид-19 од СЗO, своерачно потполнил и потпишал Изјава за самоизолација во траење од 14 денови во неговиот дом. Со напуштањето на домот и самоизолацијата, кој бил должен да ги извршува, пријавениот не постапил според посебните мерки за заштита на населението од заразни болести и определените мерки за сузбивање и спречување на заразната болест, односно не постапил согласно мерките и препораките на Владата на РСМ.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Ѓ.Р.(23) од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пренесување заразна болест“. На 3 март излегол од својот дом на ул.„Ванчо Прќе“ во Струмица, непочитувајќи ги прописите и наредбите дадени од страна на Министерсто за здравство, со што го зголемил ризикот за евентуално пренесување на заразна болест.

ОВР Валандово поднесе кривична пријава против Н.К.(49) и Е.К.(48) двајцата од Валандово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 13 март пријавените слетале во Скопје од Хановер, Германија и во периодот од 14 од 17 март за време на прогласена епидемија на вирусот корона Kовид-19, не постапувале и не се придржувале согласно донесената Одлука за мерки за спречување на внесување и ширење на корона вирусот Ковид-19.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кавадарци поднесе кривична пријава против седум лица, и тоа М.С.(43), Г.П.(29), Б.С. (52), Љ.Ц.(59), сите од Кавадарци, И.П.(56) и П.А.(49) од с.Ваташа, како и П.Т.(29), од с.Марена, кавадаречко, сите поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.