Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле по едно кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, соопштија од ОЈО Скопје.
Првиот осомничен, 26-годишник од селото Ласкарци, на 20 јули на булеварот „Илинден“ во Скопје, неовластено држел огнено оружје пиштол марка EKOL Tiger за светлосна-звучна сигнализација, на кој била извршена дополнителна механичка интервенција, монтирање и поставување метална жлебна цевка. Со тоа пиштолот бил прилагоден во огнено оружје – полуавтоматски пиштол, во кој имало 5 куршуми со калибар од 6,35 мм. Оружјето и муницијата биле пронајдени во касетата на предното совозачко седиште од автомобилот со кој управувал осомничениот, информираат од скопското обвинителство.
Во исто време, на истата локација бил сопрен уште еден автомобил во кој како совозач бил вториот осомничен на возраст од 32 години, исто така од селото Ласкарци. Кај него бил пронајден пиштол марка TOKAREV Tokagypt 58 со една рамка со седум куршуми.
Двајцата осомничени беа испитани од надлежниот јавен обвинител при што го признале делото.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлози за определување мерки на претпазливост за двајцата осомничени – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат повремено кај определени службени лица и привремено да им бидат одземени патните исправи – пасоши.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.