Адвокатот Сашо Дуковски, бранител на Бојан Јовановски на прес конференција побара неговиот клиент итно да биде хоспитализиран и дека животот му е во опасност. Тој најави кривични пријави за сурово и нечовечко однесување кон Боки 13 на кому му биле ускратени уставните права на лекување.

Како што истакна Дуковски, Јовановски мокри крв и има крвава столица и не може самостојно да се движи. Од 15 јули кога бил уапсен и притворен Боки 13 бил 30 пати однесен во болница поради компликации со здравствената состојба. Вина, како што рече адвокатот Дуковски, немаат судот и затворот, туку затворскиот лекар кој не ги почитувал напатствијата на клиниката и болницата.

Здравствената состојба на Јовановски е животно загрозувачка. Предупредувам на можни сериозни последици од ваквото однесување на судските и медицинските органи. Бојан Јовановски има неколку сериозни болести, а особено сериозни се последиците од лекарската грешка по извршената операција подврзување, намалување на желудникот. Таа операција е неуспешно изведена два пати, а последиците Јовановски ги чувствува сега. На 2 октомври имавме медицинска препорака за санирање на оваа здравствена состојба, и препорака дека е неопходна негова хоспитализација на клиника. Затворскиот лекар од затворот Шутка тоа не го дозволува, иако лекарите од клиниките бараат хоспитализација. На 14 октомври добиваме нови извештаи од болницата „8 Септември“ и од една универзитетска клиника во Скопје во кои е констатирано дека Јовановски има еден нефункционален бубрег, задебелување. Бојан добива антибиотска терапија, која мора да биде извршена во клинички услови, но тоа не се прави – рече Дуковски.

Според него, на 3 ноември Јовановски повторно бил упатен на преглед во „8 Септември“ од каде имало сериозно предупредување до затворските службеници за тоа дека мора да почне антибиотска терапија.

Конечно на 5 ноември тоа почна да се спроведува. Но, судските органи упорно одбиваат да издадат решение за хоспитализирање на Јовановски. Ова се сериозни прекршоци на основните човекови права – изјави Дуковски.

Тој рече дека не бараат милост бидејќи Јовановски е граѓанин и како и сите други, заслужува нега.

Не е ова инквизиција. Не е ова 15 век, туку ова е модерна кривична постапка. Јовановски бил омаловажуван поради неговата сексуална ориентација и тоа од медицинари. Тој можел да ги чуе како велат, што ако умре, нека умре педерот. Каде е ЛГБТ заедницата? Каде се невладините организации? – праша адвокатот.

Тој рече дека не може да ја гради одбраната за неговиот клиент затоа што постојано разговараат за неговата здравствена состојба и размислувал да му го откаже полномоштвото.

За Боки 13 немало место за хоспитализација на Клиниката за торакална хирургија.

Дуковски рече дека Боки 13 повраќал и колабирал пред обвинителката Вилма Русковска, но и покрај тоа, таа дала негативно мислење за поблага мерка за неговиот клиент.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.