Откако во изминатиот период има се поголем број откриени мигранти во јужниот дел на Македонија, очигледно е дека државава е под удар на нов мигрантски бран, но се поставува прашѓањето дали причина за тој бран е зголемен притисок од мигранти на грчко-македонската граница или за криминал?
Деканот на Факултетот за безбедност, професорот Никола Дујовски, смета дека нема опасност за отворање на балканската рута, а ова што се случува сега е очигледен криминал.
Според Дујовски, сегашните преминувања на границата се бројки што може да се контролираат, а продолжувањето на кризната состојба на јужната и северната граница им дава целосен капацитет на институциите, и на армијата и на полицијата, да ја вршат работата.
Мене ме загрижува фактот што сѐ повеќе има кривични дела. Мигрантите ги има речиси во секое трето товарно возило. Се шверцуваат мигранти. Тоа е голем проблем. Се најде веројатно некоја празна ‘жица‘, празни места на границата на југ, каде што ги пропуштаат, а дали е тоа во дослух со полицијата, со војската, треба органите сериозно да се запрашаат – вели Дујовски за „МКД.мк“, додавајќи дека освен што ова е очигледен криминал, не гледа опасност од масовни миграции во наредниот период.
Според податоците од МВР, во периодот од 1 до 29 јули годинава, на територијата на државата откриени се 12 случаи, во обид да бидат прошверцувани 567 мигранти. Мерки на кривичен прогон се преземени против девет лица, меѓу кои и тројца српски државјани за сторени седум кривични дела „шверцување мигранти“. Во однос на структурата на мигрантите, пак, најмногубројни се мигрантите по потекло од Бангладеш-217, Пакистан-189, Авганистан-66, Сирија-28, Иран-12, Сомалија-десет и во помал број од други земји.
Во однос на зголемувањето на бројот на фатените мигранти, кога во време на пандемија и затворени граници се случува дневно да бидат откриени по стотина од нив, Дујовски вели дека има уште трипати по толку што не се фатени.
Повеќе на „МКД.мк“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.