Пожарот кој пред четири дена избувна кај село Белица, Бродско, каде со огнената стихија беа зафатени над пет хектари борова шума е изгаснат благодарение на дождот кој наврна во овој дел од земјава.

Командирот на ТППЕ Македонски Брод, Гоце Саракимоски, информира дека иако пожарот е изгаснат, во приземните делови од боровите стебла не е исклучено повторно да се реактивира некој дел од големиот пожар.

Како што беше најавено така и се случи, по врнежите од дожд во поголемиот дел од Поречието, изгаснат е големиот шумски пожар кај село Белица Бродско. Потврда дека пожарот е локализиран ја добивме и од претставниците на Шумското стопанство и барем засега не постои опасност од негово ширење, иако не е исклучена можноста пожарот да се реактивира бидејќи истиот може да се рашири по коренскиот систем на боровите стебла, кои се опфатени од огнената стихија. За среќа ова е единствениот пожар деновиве во нашиот регион, бидејќи топлото време и сушата се идеални претпоставки за појава на пожари, а човековата неодговорност е главната причина за нивно појавување – вели командирот Саракимоски.

Инаку, во изминатите три дена хеликоптер од ДЗС во 21 наврат интервенираше со вода на огненото жариште, додека пожарникари и вработени од Шумското стопанство со прирачен алат дежураа крај самиот оган да не дојде до негово проширување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.