Поведена е дисциплинска постапка за полициските службеници кои вчера приведоа момче кое го шеташе својот миленик надвор прекршувајќи го полицискиот час, а не носеа заштитни маски и ракавици, односно постапиле спротивно на Упатството за однесување на работниците во МВР во услови на прогласена вонредна состојба предизвикана од појавата на коронавирус.
Против полициските службеници што преземале службени дејствија спротивно на пропишаните правила и прописи од страна на ОВККИПС, иницирана е постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, информира полицијата.
Настанот се случил вчера околу 14:30 часот на улицата „Антон Панов“ во Скопје, каде што од страна на полициски службеници беше затекнато и приведено лицето С.Б. од Скопје заедно со своето милениче.
По вклучувањето и на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, констатирано е дека лицето во посоченото време било надвор заедно со домашен миленик, спротивно на владината уредба и пропишаното време за прошетка на домашни миленици, така што согласно член 206 од Кривичниот законик на РСМ лицето било приведено во полициска станица, информира МВР.
Видео од настанот се споделуваше на социјалните мрежи, а веднаш по објавувањето се огласија и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и неговата заменичка Славјанка Петровска, најавувајќи дека случајот ќе се расчисти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.