Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да се одржи судско рочиште за предметот кој се однесува на невладината организација Меѓународен сојуз – Скопје, на Бојан Јовановски – Боки 13. Ако не дојде до ново одложување, обвинетите Бојан Јовановски, заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ, Фросина Ременски, асистентката на Боки Христина Блажевска и таткото на Боки, Миле Јовановски треба да се произнесат за вина. Како правно лице обвинета е и невладината организација.

На првото рочиште одржано на 1 јули Јовановски и Ременски побараа изземање на обвинителката Вилма Русковска од овој предмет.

Судскиот процес го води судечки совет составен од двајца поротници и судијката Софче Гаврилова-Ефремова која беше втора судијка и во случајот „Рекет“.

Во овој предмет обвинителството тврди дека двајца бизнисмени биле доведени во заблуда и измамени преку проекти за изградба на европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра, едниот сума од 719.905, а другиот 233.821 евра. За Јовановски ова се небулозни тврдења на обвинителството и уште еден конструиран случај.

Во случајот „Рекет“ Боки-13 е осуден на девет години затвор за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на седум години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.