Првоосомничениот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски-Боки 13 денеска за првпат ќе даде исказ пред обвинителката Вилма Рускоска. Во овој случај осомничени се и Зоран Милевски – Кичеец, кој веќе даде исказ и од 24 септември е во домашен притвор, и Катица Јанева која се очекува неделава да даде исказ.

Минатата недела Апелацискиот суд не го прифати барањето на Јовановски за прекин на притворот затоа што истрагата е завршена и неговата здравствена состојба е лоша. Судот оцени дека тој сè уште е во опасност да избега и да го повтори кривичното дело за кое е осомничен.

Тројцата осомничени, според истрагата, изнудиле 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, за да добие подобар третман во истрагата за аферата „Империја“ од Специјалното јавно обвинителство. На чело на СЈО четири години беше Катица Јанева.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција истрагата за овој случај ја почна на 5 јули, по што најпрво Јовановски и Милевски беа уапсени и приведени. Јанева беше задржана во притворскиот центар во Скопје во Шуто Оризари на 21 август.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.