Извршената анализа на статистичките податоци за сообраќајните прекршоци при СВР Тетово за првите шест месеци од 2020 година покажуваат огромно намалување во споредба со лани. 

Оттаму посочуваат дека ограниченото движење и полицискиот час поради коронавирусот е причина за намалената фреквенција на луѓе и возила, а со тоа и на направени сообраќајни прекрошици.

– Во изминатите шест месеци од оваа година на подрачјето на СВР Тетово вкупно откриени и законски санкционирани се 3556 сообраќајни прекршоци,  од кои на тетовскиот регион 2609 и 947 на гостиварскиот, што претставува 8300 помалку во споредба со истиот период лани. За санкционирање на овие прекршoци биле изготвени 2448 прекршочни платни налози, од кои 1607 во Тетовско и 841 во Гостиварско. Исто така, и 1138 мандатни платни налози (ТЕ-1002 и ГВ-136), како и 5344 барања за поведување на прекршочна постапка против исто толку сторители (ТЕ-3661 и ГВ-1683), истакнува портпаролот Марјан Јосифоски.


И натаму брзото возење е најчеста причина да се казнуваат возачите. Јосифоски рече дека најмногу од прекршоците констатирани во првото полугодие (849) се однесувале на неприлагодена брзина според условите на патот, односно на пребрзо возење.

-Покрај тоа, кај 387 од контролираните возачи било утврдено дека ги управуваат возилата под дејство на алкохол, 171 возило-возач не држело страна на движење, 74 непочитувале првенство на минување и друго, вели Јосифоски.

Во првите шест месеци од 2020 помал од лани за 57 е и вкупниот број на случени сообраќајни несреќи кој сега изнесува 365, од кои 268 во Тетовско и 47 во Гостиварско. Според полициската статистика, речиси двојно помал е и бројот на загинатите лица – вкупно четири (ТЕ-3 и ГВ-1) наспроти минатогодишните седум во истиот период. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.