Околу 20 до 30 девојки кои пријавиле во полиција дека нивни податоци или фотографии се споделувани во групата „Јавна соба“ немаат позитивно искуство од сорабтоката со оваа институција.
Ова го кажа Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Маргини“ во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“. Цветковиќ вели дека тие соработуваат со повеќе девојки кои биле жртви на „Јавна соба“, но и на други слични групи што се отвориле на социјалните мрежи, и нивната анализа од соработката со Министерството за внатрешни работи не е задоволителна.На девојките им се кажува дека интернетот не може да се контролира и дека полицијата нема ингеренции да постапува, што е неточно. Второ, им велат дека полнолетните не се дел од законската заштита, што исто така е неточно. Следно заеднично искуство на девојките е што им велат дека ако била јавна фотографијата, тогаш не станува за кривично дело, што е неточен факт. Понатаму, ако не биле уценувани за пари, тогаш исто немало кривично дело, туку би имало само доколку девојките се парично уценети или им се бараат други добра и услуги. Се соочуваат со прашања дали на девојките им е целта да земат пари од тој што го пријавуваат, дали целта им е да станат славни или пак им упатуваат грижлив поглед со реплика ‘ах бе девојче што си се сликала’. Ниту една од девојките нема позитивно искуство со полицијата, рече Цветковиќ.
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, како одговор на ова рече дека несоодветното постапување на службениците во МВР дополнително ќе го проверат и доколку утврдат таков однос, ќе следуваат санкции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.