СВР Скопје во содејство со полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во координација со ОЈО, го идентификуваше лицето од објавеното видео со наслов „Организиран поткуп на гласачи од структури на МВР и пратеници од СДСМ”. Утврдено е дека се работи за лицето Ш.Е. од Скопје, вработен во Одделението за управни служби во МВР, напиша министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на Фејсбук.
На подрачјето на Општина Шуто Оризари во непосредна близина на општината тој врши соодветна активност со група граѓани од ромска националност, објави министерот за постапувањето на СВР Скопје врз основа на објавеното видео, нагласувајќи дека МВР презема соодветни мерки за откривање и санкционирање на сите форми на изборен поткуп и притисок врз гласачите.
Како што наведува Чулев во објавата, полицајци од СВР Скопје извршиле разговор со Ш.Е. и извршен е претрес во неговиот дом поради пронаоѓање докази предмет на кривично дело од чл.162 „поткуп при избори и гласање“.
При извршениот претрес не се пронајдени предмети по основ на кривично дело по чл.162, но од страна на друго лице, А.В., којшто исто така е на видеото, приложен е список од околу 20 лица со име презиме, матичен број адреса и телефонски броеви рачно пишувани на обични листови од училишни тетратки. Согласно информациите добиени од страна на СВР Скопје, лицето Ш.С. дало известување дека пред да биде вработен во МВР бил активист на невладина организација којашто во рамките на Владата имала проект за донации на граѓани од ромска припадност кои што се од загрозена група граѓани и за таа цел наводно правел список со цел да биде дадена донација, пишува во објавата на министерот.
Секторот за внатрешни работи од Скопје во координација со ОЈО ќе продолжи со преземање натамошни мерки и активности во насока на целосно документирање на наводите и доказите на кривично-правниот настан, додава Чулев, и по нивно исцрпување ќе биде поднесен соодветен поднесок до ОЈО Скопје.
Парламентарните избори кои следуваат е неопходно да бидат фер и демократски. Во таа насока Министерството за внатрешни работи во претстојниот период ќе ги засили своите активностите со кои ќе се спречат сите форми на изборен поткуп и притисок врз гласачите. Воедно во соработка со Држаната изборна комисија заеднички работиме на подготовка на соодветен едукативен материјал преку кои граѓаните ќе се информираат за санкциите кои се предвидени за прекршување на законот и изборни нерегуларности, напиша министерот Чулев на Фејсбук.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.