Полицијата попладнево уапси момче со миленик во Скопје. Видео од апсењето е споделено на социјалната мрежа Фејсбук. На неа се гледа дека стнаува збор за дете кое со својот миленик влегува во комбе, а потоа е пренесено во полициска станица.

Полицајците не носат никаква заштитна опрема, ниту маски, ниту ракавици.

Видеото предизвика негативни коментари на социјалните мрежи поради бројноста на полициските службеници кои интервенираат.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев веднаш реагираше и објави дека ќе се испита случајот со полицијата која го уапси момчето кое го шеташе миленикот.

Во текот на денешниот ден на социјалната мрежа “Facebook” се споделува видео на кое се забележуваат неколку полициски службеници кои преземаат мерки за лишување од слобода на лице кое е затекнато надвор од својот дом со својот миленик за време на ограничувањето на движењето на граѓаните.

Во таа насока би сакал да ја информирам јавноста дека од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди конкретниот случај е евидентиран и се преземаат мерки за утврдување на законитоста на постапувањето на полициските службеници, a за исходот од проверките во текот на утрешниот ден дополнително ќе биде известена јавноста.

Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди и во иднина ќе презема мерки за соодветно расчистување на сите случаи во кои постои сомневање дека постапувањето на полициските службеници е спротивно на законот, објави Чулев на Фејсбук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.