Почитуван судски совет, лично јас сакам вие, а не политичките елити да не судат. Во завршна фаза сме. Цела македонска јавност, а најмногу вие сакате да се дознае вистината за 27 април и да има правда. Јас нема да поднесам барање за амнестија, вие пресудете ни, а не политичките елити да кажуваат дали сум виновен или не, рече обвинетиот Јане Ченто на денешното рочиште за 27 април.
„Точно е дека влеговме во Собрание со понесени емоции, но поентата е дека секој мора да ги сноси последиците. Исклучиво вие и никој друг, имате право да ни судите. Само сакам да знаете дека имам целосна доверба во вас, време е да покажеме на сите дека ние сме правна држава и дека судската власт е самостојна“, рече Ченто.
На ова се надоврза и обвинетиот Игор Југ кој исто така кажа дека нема да поднесе барање за амнестија.
„Целосно го поддржувам излагањето на Ченто. До детал се согласувам со него. Ниту јас нема да поднесам барање за амнестија, тоа вие ќе одлучите. Не признавам селективност, закон за амнестија и не дозволувам да бидам ничија монета за поткусурување“, рече Југ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.