Кафе-барот „Мош” во центарот на Скопје и синоќа непречено работеше со уште една преполна забава, иако таму пристигнале голем број на полицајци.

Тие влегле во кафе-барот и им посочиле на вработените да ги оддалечат масите и да отстранат дел од инвентарот, односно да постапат согласно со протоколите и да обезбедат дистанца.

Но кога инспекторите заминале, сопствениците повторно ги вратиле масите.

За сопственикот на „Мош“ е поднесена кривична пријава за загрозување на јавното здравје и ќе треба да плати 4.000 евра.

Директоротна на Државниот инспекторат, Стојко Пауновски, за „360 степени“ изјавил дека следната недела кафе-барот ќе биде затворен 10 дена.

Но, „Мош“ не е единствениот случај каде угостителските објекти не ги почитувале протоколите за коронавирусот. Пауновски посочува дека само во текот на вчерашниот ден, инспекторите налетале на седум свадби во угостителски објекти во Скопје, Тетово и во Струга. Посебно го посочува случајот со Струга, каде што во еден локал на два ката, во исто време се одржувале две свадби, со по 200 гости.

Она што дополнително загрижува е што овие забави се организираат во период кога Македонија бележи рекордни бројки на новозаболени од Ковид-19. Министерството за здравство вчера регистрираа дури 243 нови случаи на инфицирани со вирусот, додека во петокот имаше 225 новозаболени.

И мене не ми е јасно што е ова што се случува. Во услови на епидемија, дваесетина сопственици на угостителски објекти, без никаков срам и совест им го нарушуваат угледот на сите угостители во земјава, вели Пауновски за „360 степени“.

Дополнително, корисници на социјални мрежи во текот на викендот споделуваа слики и видеа од дополнителни десетина локали и барови кои организирале журки без никакво почитување на протоколите.

За ваквите кршења на протоколите од страна на некои угостителски објекти реагираа и од Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП) кои преку јавно соопштение прашуваат како воопшто се дозволуваат вакви музички настани.

Дали Владата е свесна дека со премолчувањето и несанкционирањето на ваквите појави директно влијае на уништување на цела една индустрија во државава, а тоа се организаторите на настани, промоторите, културните работници? Зошто Владата и надлежните доволуваат за некого да се мајка а за некого маќеа? По кој член од протоколот за организација на настани работат угостителските објекти? Зошто на културните настани е дозволено само седење и со 30% исполнетост на капацитетот а во угостителските објекти овие правила не важат? Имаме право, како Асоцијација да знаеме како се исплатени хонорарите на странските артисти кои настапуваа изминатиов период и дали и каде е платен персоналниот данок? Дали се пријавуваат влезници за настаните и дали за нив е платен ЗАМП од 10%? Дали и како се продаваат влезници и дали за нив е платен ДДВ од 18% Дали и колку се издаваат фискални сметки на пијалоците за време на овие настани?, стои во соопштението на ИВАП.

Од Асоцијација бараат да се стави ред во работење на угостителскиот сектори со казни за оние кои ги прекршуваат протоколите, а идните слични настани да се превенираат пред да се случат, во спротивно велат дека ќе бидат приморани на радикални чекори за заштита на нивната професија и дејност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.