По скоро четири часа изгаснат е пожарот во кој целосно изгоре погон за производство на мебел, лоциран на излезот од Струмица на стариот пат кон Радовиш, пред местото Ракиџиски мост.
Пожарот избувна утрово околу 9:30 часот и со голема брзина се прошири. Причинета е голема материјалната штета, но нема повредени. Со многу пожртвуваност не е дозволено пожарот да се прошири на паркингот на превозникот „Струмица Експрес“, каде имаше паркирано повеќе автобуси и кон другите објекти во близина на погонот кој целосно изгоре, пренесе дописникот на МИА од Струмица. Од пожарот се зафатени и други помали објекти, но целосната штета ќе биде познато по целосното гаснење на пожарот.
За времетрањето на пожарот беше исклучена електричната енергија и според последните информации почнато е со повторно напојување на објектите кои се наоѓаат во близина на пожарот.
Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев пожарот бил голем и во еден момент зафатил и поголема количина со складирано моторно масло, кое исто така целосно изгоре и при тоа се слушнаа силни експлозии.
Во гаснењето на пожарот учествуваа пет возила на ТППЕ Струмица и дваесет пожарникари, како и по едно возило од противпожарните единици во Радовиш и Ново Село, како и цистерна од ЈПКД „Комуналец“.
Причините за избувнувањето на пожарот дополнително ќе се утврдуваат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.