Српското Јавно обвинителство за организиран криминал, како што дознава БИРН, во февруари годинава испратило барање за меѓународна правна помош до македонското Јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, барајќи од нив помош за утврдување на идентитетот на корисниците на групата „Производство Росоман“.

Во оваа група има фотографии од просториите на објектот каде што се одгледувала, сушела и се вакумирала зелена материја за која се претпоставува дека е канабис, пишува во дописот на српското Обвинителство.

Заедничкото истражување на БИРН Србија и на БИРН Македонија покажало дека освен плантажите во Росоман, во сопственост на фирмата ТХЦ Куалити груп, Колувија и неговите соработници контролирале уште една фирма во земјава која имала дозвола за одгледување канабис за медицински цели и една регистрирана за трговија и услуги.

Партнерите на Колувија – Братучедот на Рашковски Александар Пиперевалиев и бизнис-партнерот на Вице Горан Крстев 

Колувија бил сосопственик и на струмичката фирма Бул билдинг. Сведок во случајот „Јовањица 1“ пред Специјалниот суд во Белград сведочел дека по упадот на полицијата во Јовањица, бил прекинат планираниот извоз на канабис за фирмата Бул билдинг.

Летото 2018 во Скопје е основана и третата фирма поврзана со Колувија – Јовањица д.о.о.е.л., регистрирана за трговија и услуги.

Освен Колувија, меѓу сопствениците и директорите на трите фирми има и македонски државјани, а најголемо внимание привлекуваат братучедот на поранешниот генсек на Владата Драги Рашковски Александар Пиперевалиев и бизнис-пафртнерот на Вице Заев Горан Крстев. 

Друг сосопственик е македонската државјанка Шќипе Дука. Нејзиниот сопруг Ејуп Дука се јавува како сосопственик на оваа компанија од ноември 2018 година до 15 ноември 2019 година, а е избришан од регистарот два дена по апсењето на Колувија. Ејуп Дука има своја компанија во Хаг. Трет сопственик е македонскиот државјанин Горан Стојановски, експерт во областа на земјоделството. Кипарската компанија „Епиони холдинг“ е регистрирана како четврти сосопственик. Компанијата е основана на 8 октомври 2015 година. Регистрирана е во Никозија. Нема информации за сопственикот во кипарскиот регистар, открива истражувањето на БИРН.

Компанијата GWSP Shiping Co LTD е регистрирана на истата кипарска адреса, чиј еден директор е Александар Пиперевалиев, кој исто така беше и еден од сопствениците на THC Quality Group од ноември 2018 до ноември 2019 година. Тој исто така ја напушта фирмата веднаш по апсењето на Колувија.

Од јули 2018 година до март 2019 година, Пиперевалиев, заедно со повеќе или помалку ист тим на соработници, стана сопственик на три компании кои имаат дозвола за одгледување канабис. Во јули 2018 година, заедно со партнери од Турција и Албанија, и со Ејуп Дука и Горан Стојановски, тој ја основаше компанијата Микеси, а истите тие три (Пиперевалиев, Дука, Стојановски) во декември истата година, станаа сопственици на ТХЦ Куалити груп, каде дотогаш единствен сопственик беше Колувија.

Во март 2019 година, Пиперевалиев стана сопственик на Бул билдинг заедно со Колувија и Горан Крстев, открива БИРН.

Компанијата Бул Билдинг е основана во јуни 2018 година во Пробиштип, а во март 2019 година беше пререгистрирана во Струмица. Регистриран е и за одгледување лековити билки за медицински цели. Таа ја доби лиценцата во декември истата година. На оваа компанија, за разлика од THC Quality Group, не ѝ е одземена лиценцата.

Крстев беше деловен партнер на братот на премиерот Вице Заев во компанијата Сара Инжењеринг. Тој се појавува како сопственик во неколку компании, од кои едната е регистрирана за одгледување лековити растенија за медицински цели. Веќе споменатиот Александар Пиперевалиев, кој исто така беше еден од сопствениците на THC Quality Group, е исто така ко-сопственик на Бул билдинг.

Нова компанија во Росоман, сопственици стари

По избувнувањето на скандалот „Јовањица“, дел од македонските партнери на Колувија основаа нова компанија на 12 декември 2019 година, на која Владата даде одобрение за одгледување марихуана на 14 јануари 2020 година. Ова практично значи дека истите одгледувачи се собрале, само без Колувија, два месеци по контролата врз Росоман и упадот на српската полиција во Јовањица.

Новата компанија се вика GM Light и ги презеде фармите во Росоман од THC Quality Group.

Сопственици на ГМ Лајт се кипарската компанија Крикамара инвестмент ЛТД, која се наоѓа на истата адреса во Никозија со компанијата Епиони холдинг, еден од поранешните сопственици на ТХЦ Квалитет Груп.

Горан Стојановски, косопственик на THC Quality Group, има индиректни врски и со ГМ Лајт од Скопје. Значи, македонските партнери на Колувија се реорганизираа и под новото име, го презедоа стариот бизнис.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.