Што ќе биде со случајот „Монструм“? Ова прашање се поставува откако бомбите веќе нема да бидат доказ во судскиот процес за петкратното убиство кај Смилковското езеро, што е предвидено со новата законска регулатива според која прислушуваните разговори ќе бидат индиции, но не и докази за обвиненија покренати по 30 јуни 2017 година. Токму бомбите беа причина Специјалното јавно обвинителство да го побара овој случај во своја надлежност, а Врховниот суд да ја поништи првичната пресуда, со која шест лица беа осудени на доживотна казна затвор.

Адвокатката на семејствата на убиените, Дафинка Ивановска смета дека новонастанатата ситуација ќе има одредено влијание врз овој процес, но вели дека без оглед на се постојат и други докази што ќе ги предложи СЈО во овој процес. Таа за Алфа порачува дека не треба да се игра со душевната состојба на семејствата на жртвите од Смилковско езеро, бидејќи овој процес веќе траел предолго.

-Сметам јас дека ќе има некое влијание но со оглед на тоа дека и СЈО досега не презентираше кои се докази имаат редослед на предлагање на доказите, меѓутоа со оглед на тоа дека постојат и многу други докази. Сметам дека ќе го продолжи процесот, затоа што сепак долго време се одвива овој процес, веќе седум години и по трет пат да има нешто ново, изведување докази сепак не би било фер, не би било во корелација со владеење на правото, а да не зборуваме за душевното страдање на оштетените, на семејствата, па и на целокупната македонска јавност, вели Ивановска во телефонски разговор за Алфа телевизија.

Одговарајќи на новинарско прашање за „Монструм“ премиерот Зоран Заев се префрли на сосем друга тема, не откривајќи ништо конкретно, како новиот закон ќе влијае врз овој случај, иако во минатото токму тој тврдеше дека во бомбите била вистината за Смилковското езеро.

-Целиот процес со одредени докази беше вратен веројатно со одлука на органите на правосудството повторно и процесот тече. Самите докази кои што ги имаат како причина за враќање и сите нови докази кои што се обезбедени се постапка што трае. Сто посто од тоа што го поседувавме го предадовме. Некаде предизвика имликација, некаде сме мислеле дека тоа ќе донесе до одговорност, а не донело, ги кажуваме. Еве ќе ве потсетам на една бомба , тоа беше како се сечат во организирана форма телефоните на СДСМ за избори. Истражија органите и видоа дека тоа практично не се случило, било само разговор намера, но не се случило и нема кривично дело.

Во овој процес со првичната пресуда, која подоцна беше поништена, на доживотна казна затвор за тероризам осудени беа Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири, Сами Љута, како и Африм Исмаиловиќ и Алил Демири кои се во бегство во Косови и се недостапни за органите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.