Првоосомничениот во предметот „Рекет“, Бојан Јовановски, денеска четири часа вршеше увид во доказите во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Јовановски беше донесен од затворот во Шуто Оризари со полициска придружба во Обвинителството, а така и си отиде. По увидот неговиот адвокат, Сашо Дуковски, рече дека увидот ќе продолжи и следните денови.

Доказниот материјал не е обемен, ниту по квалитет ниту по квантитет. Видео и аудио снимките кои ги виде јавноста, се дел од доказниот материјал. Има исказ на сведок, парични средства, тоа можам да го кажам затоа што цела Македонија и пола свет го виде, рече Дуковски.

На новинарско прашање дали и после увидот во доказите е уверен дека Јовановски е невин, Дуковски рече:

Тешко мене ако по ова треба да формирам мислење, но некои работи се појасни и ќе настапуваме во тој правец, посочи тој.

Адвокатот додаде дека не видел искази на политичари, а дека на одбраната не и бил дозволен увид во записникот од сослушувањето на второосомничениот Зоран Милевски Кичеец.

Не ни беше дозволен увид со образложение дека тоа можеме да го побараме од неговите бранители. Неразбирливо затоа што истрагата е веќе готова. Колку што знам тој се брани со молчење, но ме чуди зошто не можам да го видам тој исказ. Едно е сослушување на сведок, кое обвинителството е должно да ми го даде, а друго сосема различно е статусот на граѓанин од кого се собираат информации, тоа не ми е дадено. Не дека ќе ми помогне или одмогне но не ми е јасно зошто не можам да го видам записникот на соосомничениот, рече Дуковски.

Увид во доказите утре ќе прави третоосомничената во случајот „Рекет“, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева. Второосомничениот Зоран Милевски-Кичеец ќе биде пуштен во домашен притвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.