Шест месеци намалена плата за 30 проценти ќе добиваат двајцата гинеколози од Клиничката болница во Битола, кои на 1 јануари ги пречекорија овластувањата и ѝ овозможиле на сопругата на едниот од нив без соодветна лиценца за работа да учествува во породување на родилка со царски рез во операциона сала на Одделението за гинекологија и акушерство. Вака одлучи комисијата која решаваше за случајот и ова е највисоката казна што можеа да ја добијат според Законот за здравствена заштита. Со ова заврши дисциплинската постапка и двајцата лекари, кои беа суспендирани, денеска се вратија на работните места.
Дисциплинската постапка заврши. Комисијата излезе со предлог казна и директорот донесе решение за изрекување казна за двајцата доктори, и тоа максимална парична казна која ја предвидува Законот за здравствена заштита, а тоа се 30 проценти од платата шест месеци. Истите се вратија на работа денеска – соопшти директорката на Клиничка болница во Битола, Билјана Гагачовска.
Покрај ова, МВР поднесе кривични пријави против двајцата гинеколози, Г. Ч. (60) и М. В. (33). Помладиот гинеколог, чија сопруга била во родилната сала, се товари дека сторил две кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа. За другиот доктор, кој е и поранешен заменик министер за здравство и владин национален координатор за здравство, поднесена е пријава за злоупотреба на службената положба, а за лекарката гинеколог А. В (33) од Белград. која не била вработена и немала лекарска лиценца во земјава, кривична пријава за надрилекарство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.