23-годишен жител на Битола е осомничен за кривично дело – Фалсификување пари, поради што јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка.

Осомничениот, на 7 октомври, од засега непознато лице во близина на Бит Пазар прибавил лажни пари со намера да ги пушти во оптек.

Прибавените 18 банкноти во апоени од по 500 евра, во денарска противвредност од вкупно 558.000 денари, се обидел да ги размени во менувачница на улицата „Белградска“ во Скопје.

Сопственикот на менувачницата забележал дека банкнотата која му била дадена да ја размени не е вистинска и веднаш пријавил, а полициските службеници кај пријавениот ги пронашле и другите лажни банкноти.

До судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство и можност тој да влијае врз сведоците или да го повтори делото.​



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.