Обвинителката Вилма Рускоска на денешното рочиште за предметот за т.н. организирање на 27 април понуди дополнителни докази кои ниту се нови, ниту имаат врска со немилите настани пред 4 години.

Рускоска како „нов“ доказ нуди стара комуникација по СМС пораки меѓу Елизабета Канчевска-Милевска, поранешна министерка за култура, и дел од обвинетите за т.н. организирање на настаните на 27 април.

Она што е фрапантно за правниците вклучени во случајот е што овие смс пораки Рускоска ги знае од 2018 година и не ги вклучила во доказните материјали ниту за првиот случај во кој Добрила Кацарска судеше над два века казни, ниту во вториот случај за т.н. организирање на настаните.

Напротив, обвинителката се одлучува токму сега да ги презентира како нови докази, иако самата земала изјави од некои од обвинетите токму за овие пораки пред 2 и 3 години.

Во пораките, кои немаат врска со настаните на 27 април, Канчевска и дел од обвинетите зборуваат околу протестите За Заедничка Македонија, ја анализираат нивната масовност и зборуваат за поддршката која на протестите ја даваат естрадни уметници од земјата и надвор од Македонија, дознаваме од извори од истрагата.

Рускоска денес пред судот овие пораки се обиде да ги претстави како нови, иако ниту се нови, ниту имаат врска со настаните на 27-ми април. Дали се работи за сенилност, амнезија или последен обид со „сеење магла“ да се обиде да го спаси обвинението за тероризам по секоја цена, знае само таа.

Инаку, ова се последните докази кои ги има Рускоска со кои ќе се обиде да го убеди судот дека четирите различни верзии на Александар Василевски Нинџа, дежурниот сведок на обвинителството, не се „изолиран остров“ како што се покажа досега. Но, судејќи по околностите, дека се работи за пораки кои немаат никаква врска со настаните на 27 април, тоа тешко ќе и појде од рака пред објективен суд.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.