Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш заедно со увидна екипа, кримтехничар од Министерството за внатрешни работи и инспектори за труд и безбедност при работа извршија увид во рудникот Бучим, работна единица Флотација, каде денеска околу 11:50 часот две лица го загубија животот, а едно се здобило со телесни повреди.
Според првичните сознанија, стои во соопштението од Службата за односи со јавноста при Јавно обвинителство на Република Македонија, до несреќата дошло при чистење на два силоси, високи по 25 метри, со дијаметар од 17 метри, во кој се складира руда. Починатите, жители на Радовиш, членови на алпинистичкото друштво „Плоча“, на возраст од 20 и 45 години, се појаснува, биле ангажирани со договор помеѓу две правни лица за специфична услуга за чистење на силосите полни со руда.
Во текот на увидот, по дадени насоки и наредби од обвинителството, извршено е фотографирање на самото место на настанот. Обезбедени се затекнатите траги и предмети. Идентификувани се и извршен е разговор со лицата присутни на местото на настанот. Обвинителството издаде наредби за обезбедување на техничката документација за силосите, целокупната документација за ангажманот на алпинистичкиот клуб „Плоча“, правилниците за работа на работната единица Флотација. Издадена е и наредба за вршење на обдукција на телата на починатите, се наведува во соопштението.
Забрането е работењето на тој дел од рудникот и ќе биде обезбедуван од полициски службеници, за да по дадена наредба од обвинителството утре (14 октомври 2021) се продолжи со вршење на увид на самото место со присуство на техничка инспекција со рударски инженери.
Основното јавно обвинителство Радовиш презема и други дејствија за откривање на причините за несреќата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.