Едно лице вработено во Агенција за национална безбедност (АНБ), попладнево е уапсено во рамки на истрага на скопското обвинителство. Од МВР не соопштуваат детали.

Во акцијата се уапсени двајца, од кои едниот е вработен во тајната служба АНБ, додека вториот е лице со кривично досие.

Според информациите на Телма, двајцатауапсени уценувале и вршеле изнуда од скопски бизнисмен кој имал фирма за градежништво. Уапсените тврделе дека против фирмата има кривична истрага, но дека тие двајца може за пет илјади евра да средат затворање на истрагата. Во реалноста, истрага немало, а бизнисменот го пријавил случајот во надлежниот полициски оддел по што отпочнала постапка. Бизнисменот добил форензичко одбележани пари кои во ресторан во Скопје му ги предал на вториот член на групата којшто соработувал со агентот на АНБ. Тогаш на лице место е уапсен уценувачот.

Според првичните информации, покрај приведениот припадник на АНБ, вториот уапсен кој ги „подигал“ парите од уценуваниот бизнисмен е обвинет и амнестиран за упадот во Собранието на 27 април. Уапсениот имал и повеќе други кривични дела. Тој ја искористил амнестијата за 27 април заедно со организаторите на протестите, пратениците и собраниските службеници кои беа ослободени од кривична одговорност за инцидентите во парламентот бидејќи не беа директни учесници во насилствата.

Припадникот на АНБ, пак, бил вработен во агенцијата во септември 2019 година, кога новата агенција ја замени претходната УБК.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.