Триесет метри жичана ограда заедно со столбчињата и урбана опрема, корпи за отпадоци се украдени на градските гробишта кај црквата „Св. Спас“ во Велес. Ова е трета кражба што се случува на оваа локација. Нарушена е и безбедноста каде се случуваат и кражби на оние кои ги посетуваат гробовите.
Гане Циунов раководител на одделот за гробишта од ЈКП „Дервен“ за МИА вели дека нивната чуварско-одржувачка служба на гробиштата со четворица вработени е немоќна сама да се справи со некои од жителите од населбата Рамина, а која е веднаш до гробиштата, а кои најчесто здружени во групи ја нарушуваат безбедноста на граѓаните и ја крадат жичаната ограда.
Тие бараат поголема заштита од полицијата, од каде имаат информација дека веќе ги фатила крадците на оградата, но бараат од СВР Велес и во иднина, превентивно да го спречат ваквиот вандализам и да ги заштити.
За нарушена безбедност веќе подолго време до ЈКП„Дервен“ и полицијата реагираат и граѓаните кои имаат гробни места кај црквата „Св. Спас“ лоцирана висока на левата страна од градот.
За последната кражба на жичаната ограда
Украдена е 30 метри жичана ограда на дел над патот до каменорезецот. Таа е ограда со која гробиштата се оградени од куќите, но и се заштитени во нив да не влегува секаков вид стока, а која во непосредна близина на самите гробишта, ја чуваат некои од жителите од Ромската населба Рамина, а која е веднаш до гробиштата.
Ние ставивме метални столбчиња и мрежа, но за жал истите се крадат веќе третпат, заедно со корпите за отпадоци и мрежите за собирање трева од гробиштата. Воедно се крадат и вратничињата од оградите на гробните места. Првиот пат заштитната ограда беше украдена целосно, а вториот делови од 200 метри долгата заштитна жичана ограда, а овојпат 30 метри заштитна ограда, информира Циунов.
Тој појаснува дека крадците сето тоа го ставаат во вреќи за потоа полесно и незабележително да го изнесат од гробиштата.
-Како и претходно и овојпат ние тоа го пријавивме во полиција, и дел од крадците се веќе фатени, а за дел се уште се трага, но ние постојано сме на удар и материјално оштетени, потенцира Циунов.
Тој информира дека при последната кражба кога ја повикале полицијата да направи увид, крадците во меѓувреме ги однеле вреќите. Потоа биле откриени во двор во некоја од куќите во блиската населба, но оградата била исечена на парчиња и е неупотреблива за повторно оградување.
Појаснува дека за набавка на нова жичана ограда тие треба да распишат нов тендер па затоа чекаат.
Додава дека наместо да набават уште нови 500 метри заштитна ограда за целосно оградување на гробиштата, тие повторно претрпеа материјална штета која повторно сами треба да ја надокнадат, а и безбедноста на гробиштата е нарушена.
Тој информира дека првично заштитна жичана ограда на 200 метри на дел од гробиштата била поставена пред десетина години, а набрзо потоа и целата била украдена. По четири-пет години била обновена и потоа вторпат биле крадени делови од неа, како и последниов третпат на 10-ти овој месец кога беа украдени 30 од вкупно 200 метри.
Додава дека поради новата кражба сега ќе мора првично да ја обноват оштетената ограда па дури потоа да постават уште нови 500 метри ограда за целосно оградување на 8,5 до 9 илјади гробни места кај „Св.Спас“.
Граѓаните веќе подолго време небезбедни при посета на гробиштата кај „Св. Спас“
Голем дел од граѓаните посебно повозрасните граѓани кои таму имаат семејни гробишта, веќе подолго време реагираат до полицијата дека се небезбедни при посета на гробовите и бараат да бидат заштитени.
Од ЈКП„Дервен“ за МИА, потврдуваат дека последниве години за жал зачестија кражбите и среде бел ден на дел од граѓаните посебно постари жени кои одат во посета на гробовите на своите најмили. За тоа повеќепати била повикана полицијата за интервенција.
При еден таков настан кражба лани во недела претпладне на 2 февруари при кражба на гробиштата беше повикана полицијата и при интервенцијата еден полицаец од страна на крадецот беше тешко ранет со четири куршуми во пределот на стомакот и еден во коленото.
Од ЈКП „Дервен“ велат дека за разлика од лани, во оваа 2021 година состојбата со крабежи врз граѓани е нешто намалена, а што според нив се должело на почести интервенциите на полицијата и фаќање на дел од крадците на паричници и слично.
Велешанката 71-годишната Марија Петрова,вели дека случајно се нашла при еден таков грабеж на една нејзина сограѓанка кога и бил украден паричникот, а таа некако успеала веднаш да повика полиција и се спасила.
-Лани беше околу 12 часот, пладне, а кога кај гроб на 20-тина метри од мене две постари момчиња на 20- тина години на постара жена и украдоа новчаник и при тоа физички ја нападнаа. Бев преплашена веднааш повикав полиција и такси и успеав некако да се извлечам, ама таа жена настрада.Тоа може за жал да му се случи секому и среде бел ден и затоа апелирам до вработените на ЈКП „Дервен“ и до полицијата да преземат позасилени превентивни мерки за заштита на граѓаните кои одат во посета на гробовите на своите блиски кај црквата „Св Спас“, апелира Петрова.
Црквата со гробишата да бидат заштитени од вандализми со засилено обезбедување
ЈКП „Дервен“ има четворица вработени чувари-одржувачи на гробиштата кое се и еден вид 24-часовна чуварска служба, но тоа во последниве години не е доволно за безбедноста кај гробиштата.
ЈКП „Дервен“ појаснуваат не можат да ангажираат дополнителна служба за обезбедување на гробиштата затоа што се јавно претпријатие.
Граѓаните со кои разговаравме сметаа дека освен засилените и редовни контроли од страна на засилени дежурни полициски екипи, за разрешување на состојбите треба да помогне и локалната власт, а под чии ингеренции е ЈКП„Дервен“.
Тие бараат во решавање на проблемот итно да се вклучи и локалната власт и да се најде начин за создавање на поголема безбедност на граѓаните и сите православни верниците кои ја посетуваат Градската црква „Св Спас“ на левата висока страна од градот.
Воедно и од Епархијата Повардарска за МИА информираат дека повремено и во самата црква „Св.Спас“ се случуваат кражби на одредени предмети.
Како што информираат од ЈКП „Дервен“ за разлика од Градските гробишта кај „Св.Спас“ останатите Градски гробишта во Велес кај црквата „Св Пантелејмон“ на десната висока страна од градот се целосно оградени и безбедни. Воедно безбедни се и Градските гробишта кај Речани во близина на градот, а кои исто така се целосно оградени и заштитени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.