Судскиот совет при Основниот суд во Струмица на чело со судијката Цона Каламерникова го прогласи за виновен Марјанчо Велев (54) од струмичкото село Добрејци за убиство на струмичанецот Ристо Иљашев и му определи казна затвор во траење од 20 години.
Одлуката денеска ја соопшти судијката Каламерникова и обраложи дека на 7 мај лани на подмолен начин Велев го лишил од живот Иљашев.
Откако се сретнале во Струмица со своето возило го однел во неговата работилница во село Добрејци и со малокалибарско оружје му пукал во пределот на тилот. Потоа го завиткал телото на покојникот во фолија и го ставил во буре во кое ставил 13 метални дискови, го засекол бурето на две места за да може да влезе вода во него и го фрлил во водите на брана „Турија”. Со ваквите дејства обвинитетиот сторил кривично дело убиство и се осудува на казна затвор во траење од 20 години, рече судијката Цона Каламерникова.
Додаде дека од сите докази кои биле презентирани во текот на судењето има еден сигурен доказ кој упатува дека токму обвинетиот го сторил убиството.
Во комбето на Марјанчо е пронајдена секира и форензиката докажува дека со конкретната секира, а не со тип на секира, туку токму со таа секира се направени точно два засеци на бурето. Има и многу други докази, како што се 13 дискови кои се пронајдени во бурето се споредени со еден што е пронајден во работилницата на обвинетиот и хемиската анализа покажува стопроцентни совпаѓања на спектроскопот што е невозможно ако не потекнуваат од иста метална плоча. Механичката анализа покажува дека се сечени со ист тип на апарат и се ист дијаметар и иста дебелина и произлегуваат од неговата работилница, рече во образложението на пресудата судијката Цона Каламерникова.
На Марјанчо Велев притворот му е продолжен и ќе трае се до почнувањето на извршувањето на казната, односно до правосилноста на пресудата, но најдолго до 30 септември 2021 година.
Од семејството на убиениот Иљашев рекоа дека не се задоволни од висината на пресудата и очекувале доживотна казна затвор.
Одбраната на осудениот најави дека ќе поднесат жалба до Апелацискиот суд и ќе бараат повторно отворање на постапката.
На соопштувањето на пресудата не присуствуваше обвинетиот Велев.
Инаку, полицијата го сомничи дека е сторител и на уште едно убиство врз шеесет и две годишниот А.М.,извршено на 9 октомври 2018 година, а телото на убиениот затворено во камионски резервоар за гориво беше извадено од браната „Турија” на 5 август лани. За овој случај ОЈО Струмица се уште нема подигнато обвиние.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.