На завршницата на 8. сезона на СЕХА лигата, ракометарите на Вардар атакуваат на третата последователна, а вкупно петта шампионска титула. ППД Загреб е тимот кој ќе се обиде на црвено-црните да им се испречи на патот до новиот шампионски трофеј.
Вардарци вчера во полуфиналето беа подобри од домаќинот Мешков Брест, а ППД Загреб во хрватската пресметка го совлада Нексе.
Сезонава Вардар и Загреб одиграа четири натпревари. Освен првиот меѓусебен дуел во СЕХА лигата во Загреб, останатите три ги доби Вардар, вклучително и двата во осминафиналето во Лигата на шампионите и тоа одиграни пред само десет односно четири дена.
Што се однесува до дуелите во финалето на СЕХА лигата, овие два тима досега одиграа две такви средби и тоа во Скопје.
Првата во 2013-тата ја добија Хрватите со 25-24 по продолжението освојувајќи го единствениот шампионски трофеј досега, додека вториот лани во Јане Сандански му припадна на вардар со 26-24.
Останува да се види дали Вардар по петти и ППД Загреб по вторпат ќе биде шампион во СЕХА конкуренцијата по мечот кој започнува од 19 часот.
Претходно (16:30 часот) за третото место ќе се борат Мешков и Нексе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.