Составот на Вардар ја забележа првата победа во Лигата на Шампиони, откако на домашен терен го совлада германски Фленсбург со 31-26 (17-15). Бундеслигашот во Скопје допатува со три победи во исто толку натпревари, но мораше да го положи оружјето пред разиграните ракометари во „црвено црни“ дресови.
Првото полувреме помина во знакот на Вардар. Гостите од Германија водеа само на стартот кога на семафорот стоеше 2-0. „Црвено црните“ со серија од 4-0 стигнаа до плус два (4-2). Вардар десеттина минути ја одржуваше предноста од два погодоци, а на истекот од 20-та минута стигна до највисоки три голови (9-6). Во завршниот период од првиот дел, Вардар обезбеди плус четири 17-13, но Фленсбург со два брзи погодоци намали на 17-15.
Во воведот од второто полувреме, Фленсбург ја анулираше негативата и дојде до 17-17. Гол за гол се играше до 19-19. „Вардарци“ постигнаа три голови во серија за водство 22-19. Фленсбург покрај негативата се закани, но Вардар се разигра и погодоци постигнуваше од секоја позиција. На истекот од 50-та минута, ракометарите на Вардар обезбедија пет погодоци предност (27-22) и го отпишаа германскиот состав од позитивен резултат во Скопје. До крајот рутински ја одработија задачата за конечни 31-26.
Фантастичен меч одигра капитенот Столе Стоилов. Македонскиот репрезентативец постигна осум голови. Добар натпревар одиграа Кристијан Дисингер и Ловро Јотиќ, кои реализираа по четири погодоци. Голманскиот тандем Ристовски – Кизиќ искомбинираa 14 одбрани. Кај Фленсбург најпрецизен беше Јохансен со пет погодоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.