Македонската ракометна репрезентација го претрпе вториот пораз во четвртиот натпревар на Светското првенство во Германија и Данска. И покрај одличната партија на голманот Никола Митровски, избраниците на селекторот Раул Гонзалез се поразени од евроскиот шампион, селекцијата на Шпанија со 32:21.

„Црвено – жолтите“ одлично го отворија натпреварот и во поголемиот дел од првото полувреме беа во водство од еден – два гола, но, не успеаја да ја задржат предноста до крајот на полувремето. Шпанците направија пресврт и со минимални 13:12 заминаа на одморот.

На стартот од вториот дел „црвено–жолтите“ беа непрепознатливи на теренот, многу грешеа, а ова го искористија Шпанците и се одлепија на пет разлика. По ова Гонзалез го повлече првиот тим од теренот и им даде шанса помладите, што беше причина „црвената фурија“ да победи со голема разлика.

Никола Митревски со 15 одбрани беше најдобар поединец во нашите редови, а во нападот најефикасни беа Пешевски со шест, Лазаров со пет и Кузмановски со четири погодоци.

Македонските ракометари утре во 18 часот го играат решавачкиот натпревар за пласман во втората рунда, директната пресметка со Исланд за третото место во групата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.