Ракометарите на Вардар 1961 се на чекор до пласман меѓу осумте најдобри во регионалната СЕХА лига, откако вечерва ја совладаа Металопластика со 39:31 (19:14) во првата од двете осминафинални пресметки закажани во Скопје.

Освојувачот на двојната круна сезонава во македонското првенство лошо го отвори натпреварот дозволувајќи и на екипата од Шабац да поведе со четири голови разлика (8:4) во воведните десет минути. Сепак, петкратниот освојувач на СЕХА лигата брзо ги консолидира редовите и Вардар веќе на полувреме замина со високи плус пет (19:14).

Вториот дел донесе сигурна игра на македонскиот првак, кој влегува со осум голови предност пред утрешниот реванш, исто така, на домашен терен.

Ловро Јотиќ со девет и Тимур Дибиров со седум погодоци беа најефикасни во македонскиот тим.

Победникот од двомечот меѓу Вардар 1961 и Металопластика за противник во четвртфиналето од годинашното издание на СЕХА лигата ќе го има хрватскиот првак ППД Загреб.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.